Во согласност со економските политики, за извршување на секојдневните права и должности, општините се финансираат од сопствени извори на приходи и од други извори на финансирање. Сопствените извори на финансирање се локалните даноци и надоместоците и таксите утврдени со закон. Општината, во рамките на законот, ја утврдува висината на даноците, надоместоците и таксите. Од друга страна, општината се финансира и од државните дотации и од другите извори утврдени со закон. Во рамките на своите надлежности, општината на независен начин располага со своите приходи[1].

Според законот[2], извори на финансирање на општината се сопствените извори на приходи, дотации и средства од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на фондовите и задолжувањето. Сопствените извори на приходи се:

  • Локални даноци утврдени со закон (данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и други даноци утврдени со закон),
  • Локални такси утврдени со закон (комунални такси, административни такси и други такси утврдени со закон),
  • Локални надоместоци утврдени со закон (надомест за уредување на градежно земјиште, надоместоци од комунална дејност, надоместоци за просторни и урбанистички планови и други локални надоместоци утврдени со закон),
  • Приходи од сопственост (приходи од закупнина, приходи од камати и приходи од продажба на имот со чија продажба не се наружуваат јавните функции и надлежности),
  • Приходи од донации,
  • Приходи од парични казни утврдени со закон,
  • Приходи од самопридонес,
  • Други приходи утврдени со закон.