Повторување на јавен конкурс за изработка на лого и слоган на Струга како туристичка дестинација 1. Предмет на јавен конкурс: Општина Струга објавува јавен конкурс за избор на единствено авторско решение составено од лого и придружен слоган за претставување и промоција на Струга како туристичка дестинација. Логото и слоганот се оценуваат и избираат како неразделна целина. Не се прифаќа лого без слоган или слоган без лого. 2. Право на учество: Право на учество имаат физички лица со живеалиште на територијата на Општина Струга, кои можат да достават завршено дигитално решение. Не се бара диплома или професионално искуство во графички дизајн. Вработените во администрацијата на Општина Струга немаат право на учество. Еден учесник може да достави најмногу две (2) различни решенија, секое со свое лого и слоган. 3. Начин на изработка (критериуми) и aплицирање Решението треба да биде оригинално, едноставно, современо, лесно препознатливо и поврзано со природните, културните и туристичките особености на Струга. Задолжително се доставуваат: (а) финално дигитално лого со слоган во PDF и PNG формат, PNG со најмалку 2000 × 2000 пиксели; (б) приказ во боја и еднобојна верзија; (в) слоган на македонски, албански и англиски јазик, со исто суштинско значење; (г) кратко образложение на концептот до 150 зборови; (д) потпишана изјава за авторство, права на користените елементи и употреба на ВИ; (ѓ) податоци за авторот: име, презиме, адреса и контакт-телефон. Доставените графички решенија мора да бидат финални, не скици. Рачно нацртани или фотографирани скици не се прифаќаат. Од финалистите може да се побараат изворни работни датотеки и векторска верзија (SVG, EPS или AI). 4. Авторство и употреба на вештачка интелигенција Дозволена е употреба на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) за истражување, инспирација и помошни технички операции. Финалното решение мора да содржи суштински самостоен креативен придонес на учесникот. Не се прифаќа непреработена, целосно ВИ-генерирана слика претставена како самостојно изработено финално лого. Учесникот во изјавата наведува дали и како користел ВИ и потврдува дека има право да ги користи сите елементи. Комисијата може да побара изворни датотеки и појаснување од финалистите. Само визуелен впечаток или автоматски ВИ-детектор не е доволен доказ за исклучување. 5. Услови за прифатливост Пред бодирање се проверува: (1) навремено доставување; (2) право на учество; (3) присуство на лого и слоган; (4) пропишан дигитален формат и финално решение; (5) колор и еднобојна верзија; (6) трите јазични верзии на слоганот; (7) образложение; (8) потпишана изјава; (9) најмногу две решенија. Пријави со суштински недостатоци не се бодираат. За исправлив формален недостаток Комисијата може да побара дополнување во еднаков рок од три работни дена за сите засегнати учесници, без замена или измена на самото решение. Причините за неприфаќање се запишуваат. 6. Критериуми и начин на оценување Секој член на Комисијата самостојно оценува анонимизирани, прифатени решенија со оценки од 1 до 5 (1 – многу слабо; 2 – слабо; 3 – задоволително; 4 – добро; 5 – одлично). Критериуми и максимални поени: (а) поврзаност на логото и слоганот со туристичкиот идентитет на Струга – 25; (б) оригиналност и креативност на целината – 20; (в) визуелен квалитет и препознатливост на логото – 20; (г) квалитет, јасност и привлечност на слоганот – 20; (д) меѓусебна усогласеност и практична применливост – 15. Оценката се множи со коефициент 5, 4, 4, 4, односно 3. Максимумот е 100 поени. Конечниот резултат е просек од вкупните поени на членовите. Минималниот праг за избор е 70 поени. При изедначување предност има повисоката просечна оценка за критериумот (а), потоа за (б). 7. Намена и награден фонд Целта е создавање долгорочно применлив туристички идентитет на Струга за печатени и дигитални промотивни материјали, информативни табли и сувенири. Вкупниот награден фонд изнесува 100.000,00 денари, планирани во Програмата за туризам за 2026 година. Предвидена е една награда за најдобро целосно решение (лого и слоган), под услов да ги исполни сите услови и да биде склучен договор. 8. Комисија и постапка за избор Постапката ја спроведува деветчлена Комисија од Секторот за туризам, локален економски развој и меѓународна соработка. Пријавите се евидентираат со шифра, а личните податоци се чуваат одвоено. Двајца задолжени членови ја проверуваат формалната прифатливост и подготвуваат записник. Секој член независно ги оценува прифатените решенија на идентичен образец. Резултатите се пресметуваат и рангираат. За најдобро рангираните, најмногу три решенија, се проверуваат изворните датотеки, техничката употребливост, авторството и можните сличности со постојни знаци; по потреба се прибавува советодавно стручно мислење. Комисијата подготвува образложен предлог за избор. Ако ниту едно решение не ги исполни условите и минималниот праг, може да предложи избор да не се изврши. Членовите потпишуваат изјава за непостоење судир на интереси. 9. Авторски права и предавање на финалните материјали Избраниот автор пред исплата склучува писмен договор со Општина Струга, со кој се уредуваат имотните авторски права, опсегот и времетраењето на користењето, можноста за адаптација и обврската за предавање на финалните векторски и други работни датотеки. Учесникот одговара за вистинитоста на изјавата за авторство и за правата на употребените елементи. Поднесувањето пријава само по себе не значи пренос на авторски права. 10. Рок и начин на пријавување Пријавите се доставуваат во затворен плик до Општина Струга (нова зграда), со назнака: „НЕ ОТВАРАЈ – ЈАВЕН КОНКУРС ЗА ТУРИСТИЧКО ЛОГО И СЛОГАН“. Во пликот се доставуваат потпишаните документи и дигиталните датотеки на USB-носител. Рок за доставување: од 17.11.2026 до 27.11.2026, во 16:00 часот. Пријавите пристигнати по рокот не се разгледуваат. Датумот и часот на прием се евидентираат |

